Во врска со актуелните состојби со преминување на државната граница од страна на македонските граѓани кои привремено престојуваат, живеат и работат во странска држава, а имајќи ги предвид реакциите на иселениците од Р. Македонија во однос на написите во македонските медиуми, Амбасадата информира дека од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија е добиено следното известување:
,,Според Законот за државјанство на Република Македонија (,,Службен весник на Р. Македонија,, бр. 67/92, 8/04 и 98/08) член 2 став 2, државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е поинаку определено.
Слична на оваа законска одредба е и одредбата од Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија (,,Службен весник на Р. Македонија,, бр. 67/92, 20/2003, 46/2004 и 19/2007) член 2, според која за патување во странство на државјаните на Република Македонија, потребна им е патна исправа утврдена со овој закон, ако со меѓународен договор поинаку не е определено.
Државјаните на Република Македонија кои живеат, или подолг временски период престојуваат во странска држава (без оглед на тоа дали имаат и двојно државјанство), согласно член 8 од Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните (,,Службен весник на Р. Македонија,, бр. 36/1992, 12/1993, 43/2000 и 66/2007), должни се да го пријават своето одење во странство во надлежниот службен орган:
- во местото на нивното живеалиште во Република Македонија (подрачна организациона единица на Министерството за внатрешни работи),
- при излез од Република Македонија на граничниот премин или
- во ДКП на Република Македонија во државата во која живеат, односно престојуваат.
Пријавувањето се врши со пополнување на образец: Пријава на граѓани за престој во странство подолго од три месеци. Доколку пак граѓаните донеле одлука да се вратат и да живеат во Република Македонија, враќањето се пријавува во рок од три дена по остварениот влез во државата. Ова се однесува и на малолетните деца кои живеат во исто семејство. Во оваа категорија на граѓани спаѓаат и лицата кои работат во ДКП на РМ во странство или во други меѓународни организации и мисии, како и членовите на нивните семејства.
Граѓаните, кои во согласност со законската регулатива уредно го пријавиле својот престој подолг од три месеци надвор од Република Македонија, во службената евиденција, т.е. во софтверот на МВР се евидентирани под категорија ,,ДИЈАСПОРА,, или ,, НАДВОР од МКД,,. На оваа категорија на државјани и граѓани на Република Македонија им се дозволува непречен влез и излез од Република Македонија со странски пасош.
Амбасада на Република Македонија
Лондон